Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски потврди дека Финансиската полиција спроведува акција за апсење на лице поврзано со случајот „Државна лотарија“ кое треба да биде спроведено во обвинителство.
Тој за МИА изјави дека има сознанија во врска со изјавата на министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочовска, која на денешната собраниска седница кажа дека поради злоупотреба на буџет е уапсено лице од Управата за финансиска полиција.
-Да, точно е, има лице од Финансиската полиција поврзано со случајот „Државна лотарија“. Да почекаме да го однесат во обвинителство па ќе споделиме повеќе информации, рече директорот.
Помеѓу осомничените во случајот со Државна лотарија се поранешниот вицепремиер, Артан Груби и ексдиректорот на Лотарија, Перпарим Бајрами, кои се во бегство.
За двајца од осомничените во случајот постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Проневера во службата, а за уште четири лица е поведена постапка за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување.