Државното обвинителство во германскиот град Брауншвајг поведе постапка против вработен во градското собрание на Бад Закза, гратче со 7.500 жители во покраината Долна Саксонија, кој е осомничен дека преку злоупотреби на исплатите за прекувремена работа, го оштетил локалниот буџет за стотици илјади евра.
Според медиумите, долгогодишниот вработен наводно секоја година од прекувремена работа и дежурства наплатувал сума што била четирикратно повисока од неговата основна плата. Според неговиот договор, тој годишно добивал околу 50.000 евра основни примања, но преку бонуси за прекувремена работа и дежурства наплатувал дополнителни 150.000 евра секоја година.
Властите засега не откриваат повеќе детали од истрагата и не ги потврдуваат наводите и сумите кои ги објавија медиумите.
Јавното обвинителство во Брауншвајг и полицијата истражуваат неколку случаи на злоупотреби во администрацијата на Бад Закза. Во средата, 45 полицајци претресле девет имоти, вклучително и Градското собрание, неколку владини канцеларии и просториите на две локални компании.