И Бугарија остана без гас од Азербејџан

Бугарската државна компанија за гас Булгаргаз пред два дена објави дека биле известени за прекинот во снабдувањето на 6-ти јануари и дека снабдувањето се очекува да биде обновено на 11-ти јануари. Како причина наведуваат „неодредени“ технички проблеми, пренесува Ројтерс.

Булгаргаз истакна дека заменскиот гас е купен во Турција.

„Нарушувањето на снабдувањето не предизвика дополнителни трошоци за компанијата за набавка на заменски природен гас и не влијаеше на пазарот на гас во регионот“, се вели во соопштението од 9 јануари. Беше констатирано и дека ваквата состојба е дополнителен поттик за диверзификација на изворите на природен гас.

Ројтерс цитира неименуван извор кој вели дека снабдувањето е прекинато поради проблеми на платформата Алфа на Бритиш Петролеум во гасното поле Шах Дениз.

БП Азербејџан во петокот објави дека ја прекина работата на платформата Шах Дениз Алфа (СДА) откако беше откриен технички проблем во подморската линија за извоз на гасен кондензат помеѓу платформата и терминалот Сангачал.

„Сите работници на платформата се безбедни и нема влијание врз животната средина. Сите морски објекти, вклучувајќи ја платформата СДА и гасоводот, исто така се безбедни“, се вели во соопштението на БП, пренесе Н1 Србија.

„Поради оперативни причини, производството и извозот од платформата СДА се суспендирани, а платформата е безбедно исклучена. Работиме на решавање на проблемот и се стремиме да ја вратиме нормалната работа што е можно поскоро“, изјави портпаролот на компанијата за Ројтерс.

Бугарија престана да користи руски гас во април 2022 година, откако го отфрли барањето на Русија да го плати гасот во рубли.

Претходно, српскиот претседателот Александар Вучиќ изјави дека Азербејџан од саботата ја прекина испораката на гас за Србија и дека земјата ќе мора да ги користи сопствените резерви доколку проблемот не се реши во рок од месец или два.

Пронајдете не на следниве мрежи: