Покојниот Васе Крстев од Струмичко му е татко на Мики Крстев според судот, ама не и според Управата за водење матични книги, која 5 години не спроведува судска одлука и го лишува Мики од правото да добие наследство, а му поминало и времето (до 26-годишна возраст) да добива пензија по основ на починат родител. Барањето татко му да биде впишан, Мики во Матично го поднел пред 11 години и оттогаш освен што не може да си ги оствари правата, изложен е и на непријатности и понижувања.
За „Слободен печат“ тој ја опиша неговата животна ситуација, правните лавиринти и чудните состојби во институциите. Мики е роден три месеци пред мајка му и татко му да склучат брак и полето за таткото во изводот од родените кај него е празно. После 14 години, во 2011 година бракот е разведен, а таткото плаќал алиментација за синот како што му наложил судот при разводот, додека не починал. Во пресудата од разводот пишува:
„Васе Крстев ги признава наводите од тужбата во делот за нивниот малолетен син Мики Крстев“.
Но, проблемите почнале кога таткото починал.
Тогаш синот Мики Крстев отишол во подрачната канцеларија на Управата за водење матични книги во Струмица со документот од разводот и побарал да го впишат татко му и во неговиот извод на родени, по што би можел да остварува право на пензија по основ на починат родител. Тогаш, за разлика од денеска, имал право на таква пензија, но додека службите да профункционираат, правото му истекло.
Мики сметал дека со тоа што татко му плаќал алиментација за него после разводот, а и врз основа на приложената пресуда од разводот – тој признал дека му е татко.
Но, од Управата за водење матични книги не сметале така. Според нивното толкување на Законот за семејство „татковството законски, се признава пред матичар, пред Судот или пред Центарот за социјална работа со писмена изјава што во случајов не постоела“. Со други зборови, барале изјава што починатиот човек требало да ја даде пред еден од овие органи, а не го признавале како доказ за татковство тоа што човекот се согласил да му плаќа алиментација на синот и што признал таква обврска за својот малолетен син при разводот.
И тука почнала долга голгота во која Мики Крстев се жалел на тоа што одбивале да му го впишат таткото во изводот на родени. Прво се жалел до Министерството за правда. Министерството за правда го одбило.
„Министерот за правда постапувајќи по жалбата, истата ја одби како неоснована со образложение дека дополнителното внесување податоци за татко во матична книга на родени за Струмица, во уписот на Мики Крстев е во директна спротивност со член 51 став 2 од Законот за семејство дека „татковството може да се признае пред матичар, центар за социјална работа и суд“, навело Министерството за правда.
Мики Крстев потоа почнал да тужи за да успее да се впише татко му во изводот на родени. Прво, Управниот суд го одбил неговото барање во 2017 година и пресудил дека Матично-Струмица и Министерството за правда се во право. Но, во 2020 година, Вишиот управен суд ја поништил ваквата одлука и оттогаш таа е неспроведена, а Министерството за правда ја игнорира.
Вишиот управен суд во 2020 година навел дека за татко на дете родено надвор од брак, се смета лице кое детето ќе го признае за свое. Татковството може да се признае пред матичар, центарот за социјална работа и судот. Органот пред кого е дадено ова признание, должен е, без одлагање, записникот од признавање на татковството да го достави до матичарот надлежен за упис на детето во матичната книга на родените.
„Во конкретниот случај, во образложението на пресудата за развод, тој се произнел дека во иднина е согласен за издржување на нивниот малолетен син Мики, иако во времето на одлучувањето бил евидентиран како невработено лице во Агенција за вработување. Со оглед на тоа, Вишиот управен суд наоѓа дека жалбата на тужителот е основана и има потреба од повторно постапување по предметот. При повторната постапка тужениот орган (Министерството за правда под чија надлежност е Управата за водење матични книги н.з.) треба да ги има предвид укажувањата дадени во оваа пресуда и да донесе правилна и законита одлука“, пишува во пресудата од Вишиот Управен суд од 2020 година.
Просторот за „татко“ во изводот на родените на Крстев и во 2025 година е празно, иако првично од канцеларијата за водење матични книги во Струмица, барал да го впишат татко му во евиденцијата уште во 2014 година.
-Бев еднаш до матичното во Струмица и велам, кажете ми кај ви е правната служба за еден предмет да прашам. Прво ми кажаа на кој спрат се наоѓа и кога им ја покажав пресудата, почнаа да објаснуваат дека нема ништо кај нив донесено и дека друг бил директор во тоа време. И само ми ја покажаа книгата дека нема ништо впишано, вели Крстев за „Слободен печат“.
Извор: Слободен Печат
©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.