Запира постапката за вкупно 11 лица, бидејќи за нив нема доволно докази од кои и за двајца поранешни министри, соопшти републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски во врска со истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
-Значи за двајца министри се запира постапката, во период кога истите биле министри, не можам да ви кажам кои, имајќи предвид за другите имаат обвинение, за периодот кога биле на функција, рече Коцевски.
Дополни дека постапката се запира и за едно лице кое е починато, а за едно лице е во прекин поради здравствената состојба.
Тој истакна дека обвинителите одлучиле да се води единствена постапка, бидејќи бројот на лица опфатени во обвинението, кое е на 40 страници, не е голем.
Прашан дали имаат докази кој ја внел пиротехниката на концертот на групата ДНК, Коцевски одговори дека имаат докази.
-Обвинителството е сигурно, кој како и на кој начин ја има внесено пиротехниката. Сѐ е истражувано и во текот на постапката ќе се открие, рече Коцевски на денешната прес-конференција.



