Нови правила за патување во земјите од ЕУ од 12 октомври! МВР: Ќе ги информираме граѓаните навреме

Министерството за внатрешни работи најавува целосно и навремено информирање на граѓаните во врска со новите правила за патување во Европската Унија, кои според најавите ќе стапат во сила на 12 октомври. Целта е да се избегнат застои на граничните премини.Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, нагласи дека се во постојана комуникација со европските партнери и дека, според важечките регулативи на ЕУ, граѓаните ќе мора да пополнуваат онлајн апликации.„Секојдневно дискутираме оваа постапка да биде што е можно полесна и подостапна за нашите граѓани. Се согласувам дека најголемиот проблем може да се појави на граничните премини на нашите соседи кои се дел од Европската Унија. Затоа, наша задача е целосно да ги информираме граѓаните за тоа какви апликации треба да пополнат. Според важечките прописи, апликацијата ќе се прави онлајн, постапката ќе трае некое време и ќе важи две години. Ова се првичните најави, но штом добиеме официјални информации од ЕУ, ќе ги споделиме со граѓаните. Ова е регулатива на ЕУ и ние сме должни да ја почитуваме“, изјави Јанев.Според најновите податоци, системот за влез/излез на EES ќе биде лансиран на 12 октомври 2025 година. Ќе се спроведува постепено во период од шест месеци во 29 европски земји (25 земји-членки на ЕУ кои се дел од Шенген зоната, плус Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија). Целосната имплементација ќе започне на 10 април 2026 година, кога ќе започне и електронското пресметување на деновите на престој.Во овој момент, не е потребна никаква акција од патниците преку вториот систем, ETIAS. Европската Унија ќе обезбеди дополнителни информации за точниот датум на почеток на ETIAS неколку месеци пред неговото започнување.

Пронајдете не на следниве мрежи: