Данска во тревога: Најголемиот воен брод испратен по мистериозни дронови над базите

Под силен јавен притисок и растечка загриженост за безбедноста, данската морнарица ја испрати својата најголема фрегата „Есберн Снер“ во патрола поради неидентификуваните дронови што со денови кружат над воени бази и аеродроми.

Фрегатата, долга 136 метри и опремена со најсовремени радарски системи, исплови од базата во Фредериксхавн и веќе патролира околу Копенхаген и аеродромот Каструп, кој е само на неколку километри од брегот. Според податоците од веб-страницата Vesselfinder, бродот интензивно го надгледува регионот и може да детектира летала дури и во целосен мрак.

Појавата на дронови во последните денови предизвика вистински хаос меѓу граѓаните – само во последните 24 часа биле поднесени повеќе од 500 пријави. Голем дел од нив биле поврзани со безопасни активности, па полицијата беше приморана да апелира: „Не ни се јавувајте секој пат кога ќе видите светлина на небото“.

Ситуацијата доби и меѓународна димензија – шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави дека ѝ понудил на Данска воена поддршка за уништување на дроновите. Помошта е предложена токму во пресрет на средбата на лидерите на Европската Унија што ќе се одржи следната недела во Копенхаген.

Неидентификуваните дронови остануваат мистерија, но нивната појава токму над бази и аеродроми отвора сериозни прашања за националната безбедност и потенцијални шпионски активности.

Пронајдете не на следниве мрежи: