Започна драмата со Лукоил во Бугарија

Бугарија ја зајакнува безбедноста на копно, вода и воздух, вклучително и систем за заштита од дронови, во објектите на Лукоил на нејзина територија, пред планираното преземање на објектот, објави денес бугарската влада.

Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) денес влезе во канцелариите на компаниите на Лукоил во земјата и во рафинеријата во Бургас и започна со инспекции, јавува Бугарското национално радио (БНР).

Според соопштението од кабинетот, во Бургас се распоредени единици на воена полиција и системи против беспилотни летала, додека Министерството за внатрешни работи спроведува засилени проверки на сите возила што влегуваат во објектот, вклучително и проверки за експлозивни направи.

Владата во Софија наведува дека мерките се „исклучиво превентивни“ и имаат за цел да ја зачуваат безбедноста на енергетските објекти означени како критична инфраструктура, пренесува Ројтерс.

Во петокот, бугарскиот парламент усвои измени на Законот за административно регулирање на економските активности поврзани со нафта и нафтени производи, со кои му се даваат вонредни овластувања на идниот специјален управител на компанијата Лукоил во таа земја.

Врз основа на новите овластувања, администраторот ќе може да ја спроведе продажбата на рафинеријата во Бургас, а рускиот Лукоил, кој досега управуваше со рафинеријата, повеќе нема да има право да гласа или да поднесе жалба на одлуката за преземање.

Санкциите на САД и Велика Британија против руските енергетски гиганти Лукоил и Роснефт, воведени минатиот месец поради војната во Украина, извршија притисок врз владите на земјите-членки на Европската Унија кои остануваат зависни од руските деривати.

Бугарската рафинерија во Бургас е од стратешко значење за снабдувањето со гориво во регионот, а властите во Софија стравуваат од можни прекини во синџирите на снабдување доколку операциите на Лукоил бидат целосно прекинати.

Министерот за економија Петар Дилов изрази верување дека Бугарија, како и Унгарија, ќе добие ослободување од американските санкции за рафинеријата Лукоил.

Според него, Бугарија, за разлика од Унгарија, не работи со руска нафта повеќе од една година.

The post Започна драмата со Лукоил во Бугарија appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: