Хелсиншки комитет: Правдата за Кочани мора да биде навремена, целосна и транспарентна

Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе го следи судскиот процес во врска со трагичниот пожар во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени. Основниот кривичен суд го закажа почетокот на главната расправа за 19 ноември, во судницата на Казнено-поправниот дом „Идризово“, велат од организацијата.

„Во обвинението се опфатени 34 физички и три правни лица, меѓу кои поранешни министри, градоначалници, директори, инспектори и одговорни лица во компании поврзани со ноќниот клуб.

Хелсиншкиот комитет потсетува дека должината на постапките за тешки кривични дела претставува повреда на правото на ефикасно судење, а секое одложување ја продлабочува болката на семејствата и ја поткопува довербата на граѓаните во институциите.

„Комитетот ги повикува судските власти да обезбедат јавно, фер и непристрасно судење, целосна одговорност за сите оние кои, со своите постапки или пропусти, придонеле за трагедијата и заштита на достоинството на жртвите и нивните семејства за време на процесот“, велат тие.

Комитетот ја изразува својата поддршка за семејствата на починатите кои на 15 ноември (сабота) најавија Марш за правда во Скопје, кој ќе започне на плоштадот „Македонија“, а потоа, низ Собранието, ќе заврши кај Основниот кривичен суд.

„Граѓанскиот активизам и мирните протести се легитимни форми на изразување незадоволство и потсетник дека правдата не треба да се одложува. Таа треба да им биде достапна на сите, без оглед на позицијата и влијанието на обвинетите“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет.
The post Хелсиншки комитет: Правдата за Кочани мора да биде навремена, целосна и транспарентна appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: