Дежа-ву: Додека ние управувавме со игротеката, сè беше целосно легално и со важечко одобрение издадено од Град Скопје

Во врска со денешното рушење на игротеката „Deja Vu Park“ кај „Капитол Мол“ и со медиумските објави, тимот на игротеката денеска истакна дека додека тие управувале со објектот, сè било целосно легално и со важечко одобрение издадено од Град Скопје.

„Објектот беше поставен по барање и во соработка со Општина Аеродром, со цел да се создаде безбеден и пријатен простор за граѓаните, особено за најмладите“, велат од тимот на „Deja Vu Park“.

Игротеката беше отворен простор со слободен влез за сите деца и семејства, место на радост, насмевки и пријателства, каде што секој бил добредојден без разлика на статус, потекло или можности. Според соопштението, целта на тимот била да создаде простор исполнет со смеа и безгрижно детство.

Тимот на „Deja Vu Park“ ги повика медиумите и порталите да не шират невистини и сензационалистички текстови кои го нарушуваат угледот на луѓето што со години чесно работеле за децата и семејствата во општината. Тие најавија дека сите документи кои ја потврдуваат законитоста на работењето ќе ги објават јавно со текот на времето.

„Стоиме зад својата работа и зад сè што создадовме со почит, љубов и одговорност кон граѓаните. Deja Vu Park ќе остане запаметен како симбол на детска радост, а не како проблем“, посочуваат од тимот.

Пронајдете не на следниве мрежи: