Патниците и критичниот товар во Египет наскоро би можеле да се транспортираат побрзо благодарение на брзите возови, кои неодамна ги воведе германската компанија „Сименс Мобилити“.
Имено, споменатата компанија претстави нов модел на возот Веларо, чија максимална брзина е 250 километри на час (км/ч), а овој модел премиерно беше претставен минатата недела на саемот за транспорт ТрансМЕА во Нов Каиро.
Од 489 возови, 41 ќе сообраќаат по националната мрежа за брзи железници, долга две илјади километри. Оваа мрежа од три линии ќе ги поврзува најголемите градови во Египет. Според „Сименс“, овој транспорт ќе опфати 90 проценти од населението, а времето на патување ќе биде пократко за 50 проценти.
Овој проект беше најавен во 2018 година и се спроведува во партнерство со египетските градежни компании „Араб Контракторс“ и „Ораско Констракшн“. Возовите се дизајнирани и произведени во Германија, а нивните спецификации се прилагодени на египетската клима. Ова имплицира дека ќе имаат напредни системи за филтрирање и ладење.
Регионалниот воз „Дезиро“ на „Сименс“, со максимална брзина од 160 км/ч, исто така го имаше своето прво возење минатата недела во близина на новото суво пристаниште, западно од Каиро.
Гореспоменатото пристаниште има капацитет за 260.000 контејнери, пет железнички линии и е дел од Зелената линија, железничка мрежа во изградба долга 660 километри, наречена „Суецки канал на железници“. Оваа мрежа ќе ги поврзува Црвеното и Средоземното Море. Исто така, според „Сименс“, тоа ќе го зголеми товарниот капацитет на Египет за 46 проценти.
Египетскиот министер за транспорт и индустрија, генерал-потполковник, инженер Камел Ел-Вазир, го оцени првото патување со возот Десиро како пресвртница во модернизацијата на египетскиот транспорт. Сепак, мрежата на брзи железници на Египет нема да биде прва на африканскиот континент. Всушност, пред седум години, Мароко доби брза железница што ги поврзува Тангер и Казабланка. Возовите можат да развијат брзина до 320 км/ч.
Слични проекти се во тек и во други делови од Африка. На пример, Нигерија планира да изгради мрежа за брзи железници од 4.000 километри, за која се очекува да чини 60 милијарди долари.
Африканската унија проценува дека мрежата на брзи железници низ целиот континент би можела да ги намали трошоците за транспорт за 40 проценти во следните неколку децении и да ја зголеми трговијата од 15 на 50 проценти, пишува CNN.
The post Египет направи голем чекор напред во реализацијата на проектот „Суецки канал на шини“ appeared first on Во Центар.



