четврток, 12 ноември 2026
Најново

Утре почнува судењето за Кочани, во Собранието најави за надзорна расправа

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани почнува утре во 09:30 часот во судницата во КПУ Идризово со засилени безбедносни мерки и присуство на лекарска екипа.
На обвинителна клупа ќе седнат 35 физички лица, а обвинети се и три правни лица, меѓу нив има сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.
Обвинителниот акт опфаќа тешки дела против општата опасност меѓу кои и сериозни пропусти во организацијата на обезбедувањето на објектот.
Ќе се одржуваат по две рочишта неделно, а процесот ќе го води судијката Диана Груевска – Илиевска.
По маршот на семејствата на загинатите во саботата во Скопје и барањата да се одржат надзорна расправа и да се формира анкетна комисија, веќе се најавени две иницијативи – едната од Левица и другата од СДСМ.
Лидерот на Левица и претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието Димитар Апасиев најави дека следната недела ќе закаже посебна комисиска седница на која ќе се расправа за изнесените наводи поврзани со трагедијата во Кочани.
– Како претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието на РМ, следната недела планирам да ја закажам посебната комисиска седница на која ќе се разгледува добиената Претставка од „Здружението 16-ти Март“ на РОДИТЕЛИТЕ ОД КОЧАНИ, на која ќе се расправа за изнесените наводи поврзани со страшната трагедија во дискотеката „Пулс“. На седницата официјално ќе бидат поканети и претставници на подносителите, објави Апасиев на Фејсбук.
Денеска се очекува и пратеничката група на СДСМ да поднесе до Собранието предлог за одржаување на надзорна расправа и формирање на анкетна комисија.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче вчера во објава на Фејсбук напиша дека ги поддржуваат барањата на семејствата на загинатите и ги повика сите пратенички групи да ги поддржат овие иницијативи.
Во пожарот во Кочани на 16 март загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Поврзани вести