Есенските економски проекции на Европската комисија, кои беа објавени вчера, се јасен сигнал дека се движиме во позитивна насока, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Во својата објава на Фејсбук, таа нагласува дека проекцијата за раст на економијата на Северна Македонија е зголемена за 2025 и 2026 година, што е потврда за стабилноста, одржливоста и довербата во нашите економски политики.
Како што е наведено во објавата, овој Извештај забележува дека во првата половина од годината, растот на БДП бил повисок од очекуваниот, поткрепен од инвестициите, приватната потрошувачка и подобрените извозни перформанси.
„Инвестициите во инфраструктурата и приватниот сектор се позиционирани како двигатели на растот во наредните години, додека стабилизирањето на инфлацијата дополнително ја зајакнува економската предвидливост. Паралелно, реализацијата на големи инфраструктурни проекти и спроведувањето на реформите од Планот за раст на Западен Балкан на ЕУ ќе имаат поголем и побрз придонес кон развојот“, пишува Гордана-Кочоска.
Како што пишува министерот, ова се позитивни сигнали од ЕК кои се силен поттик за продолжување на одговорните политики што ја зајакнуваат економијата и го подобруваат животниот стандард на граѓаните.
„Како Влада и како министер за финансии, остануваме посветени на одржливи јавни финансии, фокусирани инвестиции и реформи што го забрзуваат економскиот развој“, нагласува министерот.
Во исто време, во есенскиот извештај на ЕК, проекцијата за економски раст за 2025 година е 3,2%, што претставува зголемување од 0,2 п.п. во споредба со претходниот извештај. ЕК, исто така, ја ревидираше проекцијата за 2026 година нагоре, на 3,3%, додека за 2027 година се предвидува раст од 3,3%.
The post Димитриеска-Кочоска: Есенскиот извештај на ЕК е сигнал дека се движиме во позитивна насока appeared first on Во Центар.



