По вчерашните препукувања меѓу власта и опозицијата во Комисијата за финансирање и буџет во Собранието за постапката што ја покрена Уставниот суд околу пензиите и спомнувањето на името на судијката Добрила Кацарска која беше ставена во корелација со СДСМ, денеска реагираа од Уставниот суд.
Уставниот суд најостро ја осудува реториката основана на лаги и манипулации за предметот во кој се оценува уставноста на член 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, во јавноста познат како „линеарно зголемување на пензиите”. Нападнати се интегритетот, самостојноста и независноста на судијата Добрила Кацарска како судија-известител, а истовремено и на Уставниот суд, преку јавното дисквалификување за постапувањето во последниот случај. Тезите дека „СДСМ преку Кацарска тргна во напад за укинување на зголемување на пензиите“ или „СДСМ преку Добрила Кацарска сака да ви го земе покачувањето“ се недозволиви и можат да создадат погрешна перцепцијата за работењето и постапувањето на Уставниот суд, потенцираат од Уставниот суд.
Информираат дека до Уставниот суд се поднесени 17 иницијативи од граѓани кои бараат преиспитување на членот 2 од законските измени и дополнувања на Законот за пензиското и инвалидско осигурување.
– Јавните прозивки кон судијата-известител или кој било судија во корелација со партиски интереси претставуваат обид за поткопување на авторитетот на Уставниот суд. Судот ги носи одлуките со мнозинство гласови на судиите, а не со глас на еден судија. Свесното пласирање манипулации претставува притисок врз судијата-известител и врз целата институција и е опасен преседан во случај кога некоја одлука не им одговара на политичките субјекти се прогласува за „партиска“, велат од Уставниот суд.
Јавното напаѓање на судии и шпекулативните говори, нагласуваат од Уставниот суд, претставува директен напад врз институцијата што го штити Уставот. Прашањето на пензиите не смее да се користи како алиби за политичко влијание или вмешување во работата на Судот.
– Уставниот суд апелира политичарите да покажат високо ниво на уставно-правна култура, наместо да се служат со реторики на потпалување тензии и дискредитација на судиите, со што ја зголемуваат недовербата во системот и поттикнуваат институционална нестабилност, велат од Уставниот суд.
За време на вчерашната амадманска расправа, пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека судијката Добрила Кацарска поднела преставка до уставниот суд за линеарното зголемување на пензиите и дека таа е продолжена рака на СДСМ.
– Продолжената рака на СДСМ во Уставниот суд поднела преставка до Уставниот суд за линераното зголемување на пензиите. Сега кога некој им ја зголеми пензијата на пензионерите за седум илјади денари, Кацарска сама поднесува преставка и сака на пензионерите да им ги земе покачувањето на пензиите. ако тоа не е парадокс, не знам што е, рече Стојановски.
Реагираше пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ со образложение дека Стојановски манипулира и дека Кацарска е судија известител, а не подносител на иницијативата.


