Линеaрното зголемување на пензиите е на барање на пензионерите и е праведно, вели директорот на Фондот на ПИОМ Никола Мемов.
Мемов гостувајќи во магазинот „Трилинг“, одговори на повеќе прашања врзани со покачувањето и исплатата на пензиите, буџетот за наредната 2026 година и начините за подобрување на финансиската состојба и кондиција на Фондот и актуелната политичка ситуација во земјата.
Мемов, како што се наведува во соопштението од ПИОМ, нагласи дека кога се говори за пензискиот систем во Република Македонија, многу е битно да се биде прецизен.
На прашањето дали ќе има зголемување на пензиите во наредната година, Мемов рече дека зголемување на пензиите ќе има согласно законот што беше донесен оваа година и додаде дека во март 2026 година предвидено е зголемување на пензиите од 1 000 денари и исто така законското усогласување коешто треба да се направи во септември 2026, а коешто е предвидено помеѓу три и пет проценти.
Запрашан дали пензионерите ќе можат дополнително да работат директорот на ПИОМ, Мемов рече дека се размислува за тоа, а работодавачите се расположени да ангажираат пензионери коишто се од различни профили и се дефицитарен кадар.
– Законот овозможува за професорите и докторите да работат до 67 години, но ова повеќе е насочено кон приватниот сектор и работодавачите се расположени ова да го финансираат. Значи пензионерите да добиваат дополнителна плата. На таа плата да бидат плаќани придонеси коишто ќе дојдат на некоја си заедничка сметка во Фондот за пензиско, без да имаат било какво влијание понатаму на висината на пензијата, бидејќи придонесите се уплаќаат на лична сметка, на лично име, вели Мемов.


