Не е донесена конечна одлука за линеарното зголемување на пензиите, велат од Уставниот суд откако денеска премиерот Христијан Мицкоски изјави дека повеќе од 70 проценти од пензионерите од следниот месец ќе добиваат помали пензии поради иницијативата на уставната судијка, за што одлуката е веќе потпишана.
– Судот укажува дека на 24. седница одржана на 19.11.2025 година со мнозинство гласови, изрази сомнеж во уставноста на членот 2 од Законот. Во тек е втората фаза од постапката во која се бараат мислења од доносителот и од предлагачите на Законот, по што ќе следува конечна одлука. Јавноста ќе биде известена кога овој предмет ќе биде ставен на седница за гласање, велат од Уставниот суд.
Од Судот велатдека нема да ги преиспитуваат одредбите кои го опфаќаат зголемувањето на пензиите по 2500 денари (исплатени во септември 2024 и март 2025 година) бидејќи на седницата одржана на 19 ноември, била отфрлена иницијативата за преиспитување на членовите 3 и 18 кои го регулирале тоа прашање, поради фактот што истите биле од темпорален карактер и не се повеќе дел од правниот промет.
Премиерот Мицкоски денеска на седницата за пратенички прашања рече дека според последната информација што ја има, потпишана е одлуката за укинување на линеарното зголемување на пензиите.
– Последните информации се дека веќе одлуката е донесена и потпишана од нејзина страна и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно процентите утврдени по законот. И тоа само за информација значеше дека 70 проценти од пензионерите ќе добиваат помала пензија од следниот месец, поради оваа иницијатива на оваа судијка која е дел од Уставниот суд, рече Мицкоски.


