Поранешниот началник на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак, по оставката во петокот објави дека „оди на фронтот“.
Тој ја даде оваа изјава во писмо до американскиот весник „Њујорк пост“, во кое се наведува дека од писмото не е јасно во која улога Јермак планира да оди на бојното поле, или дали сакал да сигнализира дека се приклучува на украинската армија.
Јермак поднесе оставка во петокот, само неколку часа откако неговиот дом во Киев беше претресен од Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ).
„Одам на фронтот и сум подготвен за секаква одмазда. Јас сум чесен и пристоен човек. Ѝ служев на Украина и на 24 февруари 2022 година, кога започна руската инвазија, бев во Киев. Згрозен сум од валканиците што ми се фрлаат, а уште повеќе сум разочаран од недостатокот на поддршка од оние што ја знаат вистината. Можеби повторно ќе се видиме. Слава на Украина“, напиша Јермак до редакцијата на американскиот весник.
И покрај навестувањата дека испратеното писмо би можело да биде неговата последна комуникација со американските новинари, „Њујорк пост“ истакнува дека од неговите зборови не мора нужно да произлегува дека Јермак навистина планира да се приклучи на украинската армија.
Рацијата во домот на Јермак во медиумите е поврзана со операцијата „Мидас“, 15-месечна истрага на НАБУ за корупциски скандали во украинскиот енергетски сектор. Според извештаите, истакнати украински функционери барале провизии од 10 до 15 проценти од вредноста на државните договори од компаниите, заканувајќи им се со ставање на црна листа. На овој начин, тие добиле речиси 100 милиони долари.
Сепак, украинските власти сè уште не ја потврдија врската помеѓу операцијата „Мида“ и рацијата врз куќата на Јермак. Зеленски рече дека неговиот советник поднел оставка за да ја одржи довербата на јавноста во државното раководство.
„Не сакам никакви гласини или шпекулации. Кога целото внимание е насочено кон дипломатијата и одбраната за време на војната, неопходна е внатрешна сила“, рече Зеленски.
Пред оставката, Јермак ја предводеше украинската делегација задолжена за преговори за мирно решение на тековниот конфликт. За време на викендот, тој требаше да отпатува во САД, каде што ќе разговара со специјалниот советник на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, и со зетот на Трамп, Џаред Кушнер. Оставката на Јермак не го откажа патувањето на украинската делегација.
Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана, Рустем Умеров, останува во делегацијата. Според извори од американската администрација, тој му рекол на Виткоф дека Украина е подготвена да го прифати оригиналниот мировен план од 28 точки, кој силно ја фаворизираше Русија, но Зеленски подоцна го отфрли и го нарече целосно неприфатлив. Умеров потоа ги негираше тврдењата дека некогаш одобрил таков план.
The post Мистериозно писмо од најблискиот соработник на Зеленски кој поднесе оставка: Одам на фронт, можеби ќе се видиме повторно appeared first on Во Центар.



