Уставниот суд денес им го кажа на пензионерите кои протестираа пред нивната зграда истото што им го кажа и премиерот Христијан Мицкоски: линеарното зголемување на пензиите сè уште не е укинато и не е донесена конечна одлука за оспорениот член 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување.
Судот потсетува дека на својата 24-та седница одржана на 19 ноември, изрази сомнежи за уставноста на член 2 – одредбата со која се воведе линеарното зголемување од 1.000 денари – и отвори постапка. Но, ова е само првата фаза. Во втората, која е во тек, Уставниот суд собира мислења од Собранието и Владата, по што ќе се изготви предлог-одлука и ќе се стави на дневен ред. Дури потоа, на нова седница, судиите ќе гласаат за конечна одлука. Дотогаш, законската одредба е формално на сила.
Пензионери од целата земја се собраа пред зградата на Уставниот суд. Тие протестираа против можноста за запирање на линеарните зголемувања и побараа модел каде што сите ќе добиваат ист износ, со цел да се намали јазот помеѓу најниските и највисоките пензии.
The post Уставен суд до пензионерите: Линеарното зголемување на пензиите сè уште не е укинато appeared first on Во Центар.



