Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, реагираше на најавата од Брисел дека увозот на руски гас ќе биде целосно забранет од 2027 година и изјави дека таквата одлука ќе донесе последици.
Во коментар за руските медиуми, што е воедно и прва реакција на Кремљ на оваа одлука на ЕУ, Песков рече дека одбивањето на Европа да се потпира на рускиот гас ќе доведе до пад на конкурентноста и ќе го забрза трендот на губење на водечкиот економски потенцијал на ЕУ.
„Ова значи дека Европа ќе биде зависна од гасот, кој е поскап, а понекогаш и значително поскап, од рускиот гас. Европа со тоа е осудена на многу поскапи извори на енергија, што неизбежно ќе доведе до последици за европската економија и намалување на конкурентноста на Европа“, изјави Песков пред новинарите во среда.
Во среда, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го нарече прелиминарниот договор меѓу Советот на ЕУ и Европскиот парламент за правилата за постепено укинување на увозот на гас од Русија почеток на нова ера.
„Вртиме нова страница, а ова е засекогаш. Ова е почеток на нова ера – ера на целосна независност од Русија кога станува збор за енергија“, рече шефот на Европската комисија.
Унгарија, исто така, бурно реагираше на оваа одлука, а шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, најави дека Будимпешта ќе го тужи Брисел за оваа одлука пред Европскиот суд на правдата.
The post Пристигна првата реакција од Русија на одлуката на Европската Унија за забрана на рускиот гас: „Ќе има последици“ appeared first on Во Центар.



