Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека стапиле во сила санкции против речиси 700 бродови од руската флота во сенка, која транспортира нафта и други деривати. Зеленски рече дека Русија ги користи овие бродови за финансирање и продолжување на војната.
„Ова е значаен дел од руската флота што транспортира нафта и други деривати и обезбедува пари за војната. Ова е најголемиот пакет санкции против танкери и други бродови што служат за агресија“, рече Зеленски.
Тој додаде дека санкционираните бродови пловеле под знамињата на повеќе од 50 земји, најчесто Гамбија, Сиера Леоне, Панама и Камерун. Украина ќе им ги обезбеди на овие земји сите релевантни информации и ќе соработува со нив за да го суспендира издавањето лиценци.
Зеленски посочи дека Украина ќе работи на тоа нејзините партнери да ги блокираат и секој од овие бродови, компанијата што ги поседува, како и целата инфраструктура за извоз на руска нафта и други енергетски производи.



