четврток, 12 ноември 2026
Најново

Министерство за здравство: За првпат е извршена хируршка интервенција кај дете со ретка вродена деформација

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

Во Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивна нега и ургентен центар (TOARILUC), за првпат во Македонија, беше извршена сложена хируршка интервенција кај 4-годишно дете со ретка конгенитална деформација – Шпренгел деформитет, во соработка со проф. д-р Уфук Ајдинли од Република Турција.

Оваа интервенција претставува важен чекор во зајакнувањето на капацитетите на македонскиот здравствен систем за третман на ретки и сложени ортопедски состојби во педијатриската возраст, преку тимска работа, трансфер на знаење и имплементација на современи оперативни техники.

ПУЛС24.МК - 14 ГОДИНИ

„Оваа интервенција е резултат на мултидисциплинарна координација на високо ниво – ортопедски тим, анестезија, интензивна нега и итна поддршка – со јасен фокус на безбедноста и квалитетот на процедурата. Благодарение на соработката со проф. д-р Уфук Ајдинли, направивме важен чекор напред во третманот на ретки вродени деформитети кај децата. Нашата цел е овие видови процедури да станат стандарден дел од клиничката пракса во земјата, преку континуирана едукација и развој на локалните тимови“, – нагласува директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски.

Според министерот за здравство, Азир Алиу, градењето доверба во здравствениот систем се постигнува преку конкретни резултати, знаење, тимска работа и создавање услови дури и најсложените интервенции да се извршуваат во земјата.

„Ова е пример за тоа како меѓународната соработка, размената на искуства и знаења директно се преведуваат во подобра грижа за пациентите. Министерството ќе продолжи да ја поддржува модернизацијата на клиниките, развојот на човечките ресурси и воведувањето современи медицински методи, со цел граѓаните да имаат современ, функционален и одржлив здравствен систем“, рече министерот Алиу.

Шпренгеловиот деформитет е ретка конгенитална состојба кај која скапулата (лопатката) е абнормално позиционирана повисоко и е неразвиена, што е резултат на неуспешна миграција надолу за време на ембрионалниот развој. Оваа состојба обично предизвикува забележливо „испакнување“ и ограничување на движењето на рамото.

Често се поврзува со други состојби, како што се Клипел-Фајл синдромот, сколиозата, а понекогаш и со дополнителни коскени или фиброзни врски со ‘рбетот (омовертебрален појас). Поради оваа причина, за точна дијагноза и соодветно планирање се користат испитувања како што се КТ и/или МРИ. Хируршкиот третман обично е резервиран за најтешките случаи кај деца на возраст од 3 до 8 години, со цел подобрување на функцијата и физичкиот изглед.

Поврзани вести