Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски преку итен допис до Собранието поднесе оставка пред мнозинството да го разреши.
„Од почетокот тврдев дека евентуалната постапка за мое разрешување е политичка одлука и затоа денеска поднесов неотповиклива оставка од функцијата Јавен овинител на Република Северна Македонија“, истакна денеска државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски кој нагласи дека од функцијата заминува со крената глава.
„Самата постапка за мое разрешување е правно неиздржана. Суштината е далеку поважна. Откако ја презедов функцијата, Обвинителството функционира во услови на сериозни кадровски и финансиски ограничувања, бројот на истражители е намален, се работи со намален капацитет, без современи алатки и без основни услови за работа. И покрај сето ова, резултатите од работата се видливи, мерливи и јасни. Податоците од годишните извештаи велат дека ефикасноста на ЈОРМ е зголемена во 2024 година, во однос на 2023 година“ објасни Коцевски кој додаде дека се сработени голем број на предмети од јавен инстерес, во кој се опфатени разични лица блиски до различни политички и бизнис центри на моќ.
Тој рече дека за рекордно време од два и пол месеци е завршена истрагата за пожарот во дискотеката Пулс, а во тек се постапки и предмети кои произлегоа од таа постапка.
„Сето ова во услови кога извршната власт не ни обезбеди никакви услови за работа. Предлогот за мое разрешување верувам дека ќе се најде во следниот извештај на Европската комисија“, рече Коцевски. Според него причина за разрешување е тоа што јавно зборувал за лошите услови и барал од извршната власт да се подобрат условите за работа на Обвинителството.
Инаку, денеска е закажана собраниска седница на која како точка на дневен ред е предлогот на Владата за негово разрешување.
Одлуката за покренување на постапка за негово разрешување беше донесена на владина седница на 9 декември. Портпаролката на Владата во образложението на одлуката потенцираше дека таа се носи поради неколку клучни точки.
„Врз основа на членот 88 став 1 од Законот за јавното обвинителство, а по претходно добиено мислење од страна на Советот за јавни обвинители му предлага на Собранието од функцијата јавен обвинител на Република Македонија да го разреши Љупчо Коцевски, поради направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство што доведува до нарушување на ефикасноста и функционалноста на Јавното обвинителство. Неовластено изнесување на информации, податоци за судски предмети со што ја поврдил обврската за заштита на тајноста на постапката согласно закон. Нарушување на угледот на Јавното обвинителство и неговиот личен углед. Не постапувајќи согласно обврските што се предвидено со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласно со Уставот“, изјави тогаш Митева.


