МЗ ќе спроведе вонреден и стручен надзор за починатото бебе на ГАК

Министерот за здравство Азир Алиу иницира вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а потоа и стручен надзор во врска со починатото новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство.
Министерството за здравство во врска со случајот со починатото новороденче денеска најпрво им изрази сочувство на родителите, а потоа информира дека со цел утврдување на околностите и расветлување на случајот, министерот  Азир Алиу иницирал вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по што ќе следи и стручен надзор.
„Потенцираме дека Министерството за здравство заедно со инспекторатот ќе постапат професионално, стручно и транспарентно, со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај, како и за преземените активности од стручен аспект“, соопштуваат од МЗ и замолуваат во овие тешки моменти за семејството да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход, со цел до добивање на конечните резултати да не се создава немир кај семејството и во јавноста.
Надежно бебе, кое имало шанса за живот, починало на интензивна нега на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, на 1 октомври а смртта на семејството му била претставена како нешто што не можело да се спречи. Но, документите до кои дојде „Слободен печат“ покажуваат дека внатре во болницата, самата началничка на одделот за интензивна нега ја пријавила педијатарката од одделот дека „нејзиното несоодветно лекување предизвикало компликации од кои умрело бебето“.
Директорката на болницата доктор Ирена Алексиовска Папестиев, откако ја добила оваа пријава ја отстранила педијатарката од дежурства на одделот за интензивна нега и ја преместила на оддел каде нема реинтубации (на барање на педијатарката). Но, 2 месеци директорката ги нема известено ниту Министерството за здравство, ниту Државниот здравствен и санитарен инспекторат ниту Јавното обвинителство за овој предмет во кој началничка на оддел за интензивна нега пријавува докторка од одделот за несоодветно лекување на бебе со смртни последици.

Пронајдете не на следниве мрежи: