Агелер: Нормално е да се разговара за мигрантите

Амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија, Ангела Агелер, изјави дека миграцијата е големо и комплексно прашање во многу земји, вклучувајќи ги и Соединетите Американски Држави, нагласувајќи дека е нормално да се водат разговори со сојузничките земји на оваа тема. Агелер, во интервју за Сител, рече дека не е ниту корисно ниту продуктивно миграцијата да се користи за политички цели или за освојување политички поени, коментирајќи ги изјавите на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој ја отвори темата претставувајќи ја како големо безбедносно и политичко прашање.

„Ние, исто така, водиме вакви разговори со многу земји. Ова е нормално. Значи, самото постоење на разговор не значи дека ќе има такви политики. Секако, не можам да зборувам за разговорите што ги водеше Обединетото Кралство. Но, претпоставувам дека тие, како и ние, водат разговори со сите видови земји. Ова е тема со која се соочуваат земјите. И затоа, секако, разговарајте со пријатели, сојузници и партнери за тоа како ќе се соочиме со ова заедно“, нагласи Ангела Агелер.

Амбасадорката зборуваше и за состојбата во судството. Таа потсети дека САД инвестирале значителни средства во поддршка на државата, вклучително и судството, од независноста, но оцени дека состојбата во судскиот систем е полоша од порано, што јасно ја одразува ниската доверба на граѓаните.

„И искрено, ситуацијата во судството е полоша отколку кога бев тука првиот пат. И ова се рефлектира во довербата на граѓаните кога зборуваат за судството. И многу е лесно едната или другата страна да каже дека е вина на судиите, дека е вина на обвинителите, дека е вина на секое министерство. Но, фактот е дека одговорноста на Владата е внимателно да разгледа што се случува и да направи промени таму каде што треба да се направат“, рече амбасадорката Агелер.

Сепак, Агелер вели дека во Владата и судството има луѓе кои се искрено посветени на борбата против корупцијата и изрази надеж дека уште повеќе поединци ќе се приклучат на тие напори, бидејќи, како што нагласи, тоа е правилно и неопходно нешто што треба да се направи.
The post Агелер: Нормално е да се разговара за мигрантите appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: