четврток, 12 ноември 2026
Најново

Дескоска: Судовите да го исфрлат „дивото месо“

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

Ние сме задоволни од степенот на имплементација на препораките заради тоа што Венецијанската комисија досега го има угледот на непристапна и професионална комисија и земјите со добра волја го имплементираат.
Тука е интересно што Венецијанската комисија дава еден вид на стручна и правна помош на земјите кои се стремат кон ЕУ, но исто така дава и мислења во земји кои се веќе членки на Унијата, така што ние сме задоволни и од едните и од другите во степенот на имплементација на мислењата, вели за „Трилинг“ универзитетската професорка Рената Дескоска, потпретседателката на Венецијанската комисија, одговарајќи на прашањето колку и како се имплементираат сугестиите во домашното законодавство по рецензиите Венецијанската комисија.
-Мислам дека Венецијанската комисија ужива сериозен углед во Македонија. Сите препораки коишто доаѓаат се добро прифатени – смета Дескоска.

Говорејќи околу судско-обвинителскиот дел, таа смета дека проблемот е во начинот на функционирање и во одредени спреги кои постојат во делот на поврзаност, лобирања…

-Мислам дека е проблем кога се дава и генерализација. Не е во ред кога одредени епитети се лепат на сите судии. Се додека судиите, судовите не се спремни да го исфрлат она „диво месо“ кај нив и оние луѓе коишто го нарушуваат нивниот углед на сите ќе им се лепи етикетата. Уставно-правно судството е поставено како независна, како трета власт, а тие честопати не се однесуваат како власт. Се додека немаат сфаќање за својата улога во системот тие не можат да го добијат заслуженото место – вели Дескоска.
На политички план, таа вели дека со Зоран Заев имале меѓусебно разбирање кога си ја поднела оставката, но за последните изборни циклуси смета дека излезноста покажува генерална апатија и разочараност.
-Ако ги анализираме локалните избори, видовме сериозен пад во бројот на гласови кај сите политички партии и сериозен пад на излезноста кај граѓаните, што покажува генерална апатија и разочараност, што не е добар сигнал заради тоа што немате веќе субјект кој изворно ги привлекува граѓаните. Држава во која што имате слаба опозиција има ризици во себе – вели Дескоска.
Околу тоа дали премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се пресилни или СДСМ е се послаб и ова води кон авторитарно владеење, таа смета дека во овој момент владеењето на оваа гарнитура на власт е подобро отколку власта на Никола Груевски.
-Од тој аспект не ги гледам оние сериозни проблеми коишто постоеја во времето на Груевски каде што Македонија под силниот авторитарен популизам „стенкаше“. Но, факт е дека имаме слаба опозиција којашто не може да парира – вели Дескоска.

Поврзани вести