Француското претседателство денеска изјави дека е „добредојдено“ што рускиот претседател Владимир Путин се појавил „подготвен“ за дијалог со својот француски колега Емануел Макрон, додавајќи дека ќе испита „во наредните денови“ начини на кои тоа би можело да се направи, пренесува „Политико“.
„Добредојдено е што Кремљ јавно се согласува со овој пристап. Во наредните денови ќе разгледаме кој е најдобриот начин да продолжиме“, соопшти Елисејската палата.
Сепак, француското претседателство нагласи дека сите разговори со Москва ќе се водат „со целосна транспарентност“ со украинскиот претседател Володимир Зеленски и Европејците, и дека целта останува да се постигне „стабилен и траен мир“ за Украинците.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави во саботата навечер дека Владимир Путин е „подготвен за дијалог“ со својот француски колега, кој направи чекор во таа насока во петокот по завршувањето на самитот на ЕУ во Брисел.
„Инвазијата на Украина и тврдоглавоста на претседателот Путин ставија крај на секоја можност за дијалог“ во текот на изминатите три години, соопшти Елисејската палата.
Но, и додаде: „Како што перспективата за прекин на огнот и мировните преговори станува појасна, повторно станува корисно да се разговара со Путин“.



