Основниот суд во Гостивар ја осуди новинарката Лиридона Вејсели на парична казна од 700 евра за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“, откако во своето новинарско известување го спомнала името на судијата Назиф Илјази од Основниот суд во Тетово.
Вејсели објаснува дека пресудата се однесува на известување за случај во кој возрасно лице уценувало малолетник, му испраќало порнографски материјали и му се заканувало. Во тој предмет, судијата Илјази изрекол казна од три месеци ефективен затвор.
„Осудена сум затоа што го спомнав името на судијата во контекст на судска одлука за сериозен кривичен случај. Казната е 700 евра за наводна злоупотреба на лични податоци“, рече Вејсели.
Во писменото образложение на пресудата, судијката Магдалена Мишоска наведува дека на 28 октомври 2024 година Вејсели, без согласност на судијата, ги користела неговите лични податоци – име и презиме – преку објави на социјалните мрежи Инстаграм и ТикТок. Според судот, ова му нанело штета на честа и угледот на судијата, кој дејствува во судството повеќе од 37 години. Судот заклучил дека со ваквите дејствија се исполнети елементите на кривичното дело „злоупотреба на лични податоци“ од Кривичниот законик.



