Група од дванаесет држави денеска, за време на специјалната седница на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во Виена, изрази сериозна загриженост за зголемениот ризик од нуклеарен инцидент во Украина.
Во заедничката изјава на Белгија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Литванија, Луксембург, Холандија, Португалија, Романија и Обединетото Кралство се наведува дека руските напади врз енергетската инфраструктура директно ја загрозуваат нуклеарната безбедност и ја доведуваат ситуацијата на работ на сериозна катастрофа. Според нив, нуклеарните централи зависат од стабилно надворешно напојување со електрична енергија за безбедно ладење на радиоактивниот материјал.
Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, во своето обраќање истакна дека оштетувањата на трафостаниците дополнително ја поткопуваат нуклеарната сигурност во земјата.
Од друга страна, рускиот претставник во МААЕ, Михаил Улјанов, ги отфрли овие наводи, оценувајќи ги како неосновани и тврдејќи дека украинските нуклеарни капацитети можат да се справат со предизвиците предизвикани од нападите.



