Јавните обвинители се жалат на намалување на платите: Тоа е неуставно и претставува закана за независноста на обвинителите

Здружението на јавни обвинители бара од пратениците да ја повлечат од дневен ред точката за изменување и дополнување на Законот за плати на јавните обвинители, која беше предложена на 89-та седница на Собранието закажана за денес.

Во јавна реакција, обвинителите бараат детално да се испитаат предложените законски измени, кои предвидуваат намалување на платите на избраните и именуваните јавни функционери.

„Јавните обвинители се свесни за економската состојба и потребата од заштеди, но според законот, платата на јавен обвинител не може да се намали со закон или одлука на државен орган, освен во случај на дисциплинска одговорност“, се наведува во одговорот.

„Обвинителите работат во сложени услови, со недоволна материјална и стручна поддршка, а надоместоците предвидени со закон за сложеноста на работата не се исплаќаат со години. Платите се движат од околу 90.000 до 130.000 денари и се најниски во регионот“, се наведува во реакцијата.

Здружението потсетува дека Уставниот суд веќе покрена постапка за оценување на уставноста на претходните измени на законот (У.бр.71/25 од 24.12.2025 година), со кои се намалија коефициентите и се ограничи зголемувањето на платите.

Според нив, новите измени дополнително ја продлабочуваат правната несигурност, бидејќи повторно предвидуваат намалување на коефициентите, што директно влијае на висината на платите.

„Веруваме дека таквото решение е неуставно и нелегално и претставува закана за независноста на јавните обвинители преку економски притисок“, се наведува во одговорот.

Здружението бара предложената точка да се повлече од дневниот ред и измените целосно да се разгледаат пред повторно да се предложат.
The post Јавните обвинители се жалат на намалување на платите: Тоа е неуставно и претставува закана за независноста на обвинителите appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: