Декласифицирани документи од ЦИА сведочат за притисоците од јужниот сосед
Неодамна декласифицирани документи на американската тајна служба, ЦИА, откриваат детали за дипломатските притисоци со кои се соочувала Македонија во раните 1990-ти години. Според извештај од 1992 година, тогашниот претседател, Киро Глигоров, одбил понуда од 100 милиони долари од Грција, условена со промена на името на државата. Во документите, тој е опишан како искусен реформатор и стратег што внимателно ги балансира регионалните притисоци и внатрешните политички тензии. Американските разузнавачи забележале дека Глигоров се дистанцирал од политиките на Слободан Милошевиќ и се обидувал да ја зачува стабилноста на младата држава по распадот на Југославија. Извештаите истовремено укажуваат и дека „авторитетот на Глигоров бил клучниот фактор што го одржувал кревкиот владејачки коалициски систем во кој учествувале и албанските партии“
Поранешниот македонски претседател, Киро Глигоров, во 1992 година одбил 100 милиони долари понудени од Грција за Македонија, за да го промени името на земјава, стои во неодамна декласифицирани документи на американската тајна служба, ЦИА, кои ги објави албанската новинска агенција ИНА.
Во документот што датира од 6 ноември 1992 година, а е објавен во јануари годинава, се наведува дека и покрај големата економска потреба на Македонија, Глигоров ја одбил приватната понуда од грчки функционери од 100 милиони долари финансиска помош, под услов да се промени името.
Ваков податок не се споменува во мемоарите на Глигоров, но поранешниот претседател пишува дека нему лично му било нудено мито од еден милион долари од грчки посредници за да се согласи за промена на името, но тој го одбил тоа.
„Мудар реформатор“, „стар лисeц на Балканот“
Документот на ЦИА го опишува Глигоров како „почитуван државник – ветеран и реформатор” и „стар лисец на Балканот“.
– Киро Глигоров, широко познат како „стариот лисец на Балканот“, останува една од најенигматичните и најстратешки фигури во транзицијата на поранешна Југославија. Неодамна декласифицирани документи од архивите на американската разузнавачка служба, ЦИА, го потврдуваат овој епитет, откривајќи ја неговата внимателна дипломатска игра во раните 1990-ти години, пренесува албанската новинска агенција ИНА.
Во документ на ЦИА од ноември 1992 година, се изнесуваат детали за насоката во која се движела Македонија како новоформирана држава во тој период, по одвојувањето од поранешната федерална Југославија, со новото раководство што доаѓало од Белград.
– Во време кога тонел регионот во крвопролевање, Глигоров успеал да маневрира меѓу силните притисоци од Грција, ризикот од Белград и внатрешните етнички тензии со Албанците. Во разузнавачките извештаи, тој бил опишан како „мудар реформатор“ со извонредно владеење на стратешките детали – стои во документот.
Грчката понуда ја сметал за неразумна
Во објавените списи е забележано дека „и покрај итната потреба од економска помош, Глигоров одбил приватна понуда од грчки официјални лица во износ од 100 милиони долари, под услов државата да го смени своето име“.
– Претседателот ги оценил грчките барања како целосно неразумни, нагласувајќи дека Македонија никогаш нема да ги прифати. Тој инсистирал дека Републиката дала доволно докази дека нема територијални претензии кон соседите, изразувајќи истовремено длабоко разочарување од тогашната Европска заедница, која ја поддржувала грчката политика на вето – забележале тајните служби на ЦИА.
Дистанцирање од Милошевиќ и од архитектите на југословенската криза
Американските разузнавачи забележале и дека на регионален план, Глигоров водел исклучително внимателна политика кон Белград. Иако се обидувал да одржува комуникација со лидерите на поранешна Југославија, цврсто ги одбил обидите на српскиот претседател Слободан Милошевиќ да го убеди да формира асоцијација со преостанатата југословенска држава, доминирана од Србија.
Документите потврдуваат дека Глигоров немал доверба во Милошевиќ и ги сметал него и хрватскиот претседател Фрањо Туѓман за главни одговорни за крвавата југословенска криза. Наспроти тоа, тој воспоставил блиско сојузништво со претседателот на Босна, Алија Изетбеговиќ, со кого бил во постојан контакт за координирање на чекорите за заштита на суверенитетот.
Внатрешни предизвици и баланс меѓу Албанците и ВМРО
Според документот, одржувањето на внатрешната стабилност било најтешката задача за Глигоров. Тој се соочувал со тензии меѓу големата етничка албанска заедница и десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ. Неговата стратегија се темелела на нагласување на индивидуалните права на граѓаните наместо на колективните права. Овој пристап бил поздравен од умерените албански лидери, иако тие истовремено ја критикувале Владата за недоволна чувствителност кон нивните барања.
– Се смета дека авторитетот на Глигоров бил клучниот фактор што го одржувал кревкиот владејачки коалициски систем во кој учествувале и албанските партии. За да ги ограничи радикалните структури во ВМРО, тој паралелно работел на зајакнување на врските со Бугарија и со Турција, а истовремено барал политичка поддршка од големите сили како САД, Велика Британија и Франција – цитира ИНА дел од објавените списи на ЦИА.
Документот, исто така, содржи и детали од биографијата на поранешниот претседател Глигоров, опишувајќи го како искусен политичар и технократ што со децении служел на највисоките финансиски и извршни позиции во федерална Југославија.


