Продолжува истрагата за мајката и шестгодишната ќерка кои пред една недела го загубија животот при пад од балкон од зграда во Тафталиџе. Внатрешната контрола при МВР врши разговори со полициските службеници кои постапувале по 10-те пријави за семејно насилство, се утврдува дали кај нив има евентуална кривична одговорност. Насилството го пријавувала и починатата и соседите.
„Во врска со предметниот настан постапката е во тек. Во координација со надлежното јавно обвинителство се преземаат сите потребни мерки и активности. Истовремено, одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди постапува во рамките на своите законски надлежности“, соопштија од МВР.
Во билтенот на МВР и денеска случај на семејно насилство. Лишен од слобода 39 – годишен гостиварец, бидејќи физички ја нападнал сопругата. На празникот на жената пријави за инциденти поврзани со семејно насилство регистрирани и во Скопје, Росоман, Виница.
„Трагичниот настан минатата недела ни покажа дека достоинството и безбедноста не се гарантирани за многубројни жени и девојчиња, а институциите и општеството во целина мора да обезбедат превенција и заштита, рака под рака со отчетност“, изјави Бен Нупнау – заменик-амбасадор на ЕУ во Македонија.
Според Обвинителство, осомничениот Стојанче Јовановски, седум години физички и психички ја малтретирал Ивана. Нападите се интензивирале последниве две години поради што Ивана се нашла во безизлезна ситуација и се одлучила на самоубиство. Нему му се заканува сериозна затворска казна ако истрагата покаже дека првичните индиции се точни.



