Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, побара од владата веднаш да побара екстрадиција на екс премиерот Никола Груевски, а од Будимпешта да го истражи потеклото и текот на парите што од Виктор Орбан стигаа во Македонија преку ВМРО-ДПМНЕ. Според него на изборите во Унгарија се видело дека европските интереси победуваат над Русија и дека победата на Петар Маѓар ја честитала цела Европа, освен нашиот премиер Христијан Мицкоски, сумира Nezavisen.mk.
„Владата ги стави стратешките интереси на Македонија во рацете на Орбан, не заради интересите на државата и на граѓаните, туку заради свои лични интереси“, рече Филипче набројувајќи ги медиумите, комуникациите, енергетиката, инфраструктурата , кредитите…
„Паниката кај ВМРО е очигледна. Медиумите под контрола на мрежата на Орбан почнаа да ја намалуваат важноста на победата на Петер Маѓар кај нас. Но, вистината доаѓа на виделина. Дојде време за вистината за бизнис врските на Мицкоски и Орбан.
Речиси 40 проценти од медиумите тука се под директна контрола на луѓето на Орбан, во служба на ВМРО и Мицкоски, кои се пропаганда машинерија во Македонија за црна кампања, за креирање лажни вести и за ширење антиевропски наративи“, рече Филипче.
Откако ги наброја инвестициите од Унгарија во разните сектори тој нагласи дека тоа не се инвестиции од Унгарија туку од луѓе блиски на Орбан.
„ Дојдоа една милијарда евра кинески пари потврдени во извештај на Европскиот парламент под така наречени пријателски услови што ќе ги отплаќаат нашите внуци за политичка и медиумска поддршка на Мицкоски. Орбан прво скриено, а потоа отворено беше рака на Русија во Европа. Сега Мицкоски ќе мора да најде друг начин како да ги финансира своите медиуми и лажните кампањи. Доаѓа време за одговорност. Сите овие договори мора детално да бидат истражени. Граѓаните мора да знаат кој точно стојат зад медиумите,телекомуникациските и други бизниси“, рече Филипче.
Тој го постави и прашањето за иднината на Груевски.
„Сега се поставува што ќе прави сега Никола Груевски, кога нема повеќе заштитник во Будимпешта? Години наназад уживаше гостопримство. Ќе бега ли во Русија или на друго место или ќе се врати да ја отслужи казната? Ја поздравувам јасната и недвосмислена порака на новиот унгарски премиер од вчерашната прес конференција дека ќе ги испорача оние кои се кријат на нивна територија и кој конечно го означи Никола Груевски како криминалец. Ова е крај на ерата кога Будимпешта беше безбедно засолниште за сите осудени криминалци. Бидејќи ЗНАМ веќе ја честиташе победата на Маѓар, прашањето е има ли барање поднесено досега од оваа влада за екстрадиција на Груевски? Доколку нема, зошто нема, и дали денес ќе поднесе барање? Време е за правда, време е за Европа, кај нас и во целиот регион“, оцени Филипче.
Претходно со соопштение СДСМ објави дека идната влада на Тиса, предводена од Петер Маѓар, најавила длабока реформа на медиумите и враќање на Унгарија на европскиот пат.
„Македонија е веќе во медиумски мрак поради медиумите на Орбан кои контролираат 40% од медиумскиот простор, со кои директно управува криминалната организација ВМРО. Лажни вести, измислени афери, деноноќни црни кампањи против СДСМ и јавен лнч врз претседателот Венко Филипче станаа секојдневна реалност во Македонија. Од нашата прва најава дека Орбан ќе падне, кога граѓаните почнаа да сфаќаат дека истите тие медиуми секојдневно ги обмануваат, а ВМРО со својот дефокус ги одвлекува вниманието од клучните теми – следеа жестоки црни кампањи против СДСМ.
Поради најава за историските промени во Унгарија, ВМРО панично ја засили кампањата против СДСМ и Венко Филипче: најпрво преку своите медиуми и таканаречени новинари (соработници на странски служби), потоа преку поединци од СДСМ (некои уценети, некои купени), а потоа и преку безброј измислени афери како „д-р Жан“, спинување со „Дака“ – човекот од американската црна листа со руски врски, па преку лажни приказни за Дубаи, Африка, Сен Мориц и други измислици.
Со голема надеж очекуваме дека оваа промена во Унгарија ќе донесе нормализација на односите со ЕУ, почитување на владеењето на правото и конструктивна соработка во регионот. Се надеваме дека медиумите ќе се ослободат од политичка контрола и дека најпосле и кај нас ќе дојде до слободно, релевантно и објективно известување“- порачаа од СДСМ.


