Билатералните прашања не треба да бидат пречка во процесот на проширување, смета белгискиот вицепремиер и министер за надворешни работи Максим Прево, кој е во официјална посета на земјава.
Прево по средбата со неговиот македонски колега Тимчо Муцунски порача дека Белгија без никаква двосмисленост го поддржува европскиот пат на земјава.
– Цврсто сум убеден дека билатералните прашања не треба во ниту еден момент да го спречат процесот на проширување. Јас и понатаму ќе продолжи да се залагам за напредок врз реформите и усогласеноста со Компенхашките критериуми, рече Прево на заедничката прес-конференција со Муцунски.
Според Прево, треба да и биде дадено уверување на земјава дека нема да има понатамошни блокади откако ќе бидат направени уставните измени.
– Верувам дека сите земји во ЕУ треба да најдат начин да се изрази волја оти овие уверувања ќе бидат дадени, рече Прево.
Министерот Муцунски очекува стабилна политичка влада во Бугарија. Вели дека приоритет на македонската Влада во изминатиот период било да не дозволи државата да биде дел од изборната кампања на Софија.
– Заради тоа што не реагиравме на провокациите. Сметам дека успеавме да не бидеме дел од наративот во Бугарија, а тоа е олеснителна околност во отпочнувањето на дијалогот којшто ни е потребен меѓу двете држави, за изнаоѓање на соодветно праведно решение за билатералниот проблем кој што постои, рече Муцунски на прес-конференцијата.


