Шест патници од крузерот на кој беше регистрирана епидемијата на хантавирус пристигнаа во Австралија, каде што ќе поминат најмалку три недели во карантин, објавија австралиските власти.
Вчера, патниците пристигнаа со деловен авион „Галфстрим“ од Холандија и слетаа во базата „Пирс“, во близина на Перт во Западна Австралија, објави денес АП.
После тоа, тие беа префрлени во карантинскиот центар во Булсбрук. Меѓу патниците има пет австралиски државјани и еден државјанин на Нов Зеланд. Австралискиот министер за здравство Марк Батлер изјави дека ќе бидат спроведени строги мерки за надзор.
„Ќе имплементираме еден од најсилните карантински режими како одговор на оваа епидемија на вирус“, рече Батлер. Карантинот треба да трае најмалку три недели, додека дополнителниот 42-дневен период на надзор, идентификуван од Светската здравствена организација како потенцијален период на инкубација, сè уште е предмет на проценка од страна на властите.
Властите соопштија дека сите патници биле негативни на вирусот пред да ја напуштат Холандија и немале никакви симптоми. Патниците се од крузерот „MV Hondius“, од кој патниците и членовите на екипажот претходно беа евакуирани поради појава на инфекција.
Бродот претходно пловел од Аргентина до Антарктикот и до изолирани острови во Јужниот Атлантик кога била идентификувана епидемијата. Од 11-те потврдени случаи на бродот, три лица починале.
По евакуацијата, бродот се враќа во Холандија каде што ќе биде темелно исчистен и дезинфициран.
The post Воведен е еден од најстрогите карантини appeared first on Во Центар.



