Министерството за економија и труд денес објави јавен повик за финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија, како и за занаетчии, за што се обезбедени 11 милиони и 340 илјади денари.
40% од докажаните трошоци за набавка на нови машини и работни алатки ќе бидат кофинансирани, но не повеќе од 200 илјади денари по барател. Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, рече дека целта е да им се помогне на домашните компании полесно да инвестираат.
„Нашата цел е јасна да им помогнеме на домашните компании полесно да инвестираат, да го модернизираат производството, да ја зголемат продуктивноста и да создадат подобри услови за работа и развој. Покрај оваа мерка, Министерството за економија и труд ќе објави два важни јавни повици во наредниот период во рамките на програмата за поддршка на преработувачката индустрија и општествена одговорност за 2026 година“, рече Дурмиши.
Тој објасни дека првиот јавен повик е за компензација на дел од трошоците за воспоставување, имплементација и сертификација на стандарди во преработувачката индустрија, со вкупен буџет од 2 милиони денари. Додека вториот јавен повик, додаде тој, е ориентиран кон зајакнување на соработката меѓу компаниите од преработувачката индустрија и универзитетите, преку реализација на заеднички проекти. За оваа мерка се предвидени 5 милиони денари.
Дурмиши ги покани сите заинтересирани компании и занаетчии внимателно да ги следат условите на јавните повици и да аплицираат. Поддршката се однесува на инвестиции направени во текот на 2025 и 2026 година, додека право на учество имаат микро, мали и средни претпријатија со претежно домашен капитал, како и занаетчии регистрирани согласно законските одредби. Рокот за аплицирање е 30 јуни 2026 година.
The post Поддршка за мали бизниси, до 200.000 денари за алати и машини за секоја компанија appeared first on Во Центар.



