Република Северна Македонија испиша нова страница во својата дипломатска историја откако беше избрана за членка на Економски и социјален совет на Обединетите нации (ECOSOC), едно од најважните тела во системот на Обединети нации. Ова е првпат државата да обезбеди место во овој престижен орган, што претставува значајно меѓународно признание за македонската дипломатија и нејзината активна улога на глобалната сцена. Изборот се смета за голем дипломатски успех бидејќи ЕКОСОК е еден од шесте главни органи на Обединетите нации и има клучна улога во креирањето на глобалните политики поврзани со економскиот развој, социјалната правда, одржливиот развој, човековите права, образованието и меѓународната соработка. Советот брои 54 држави-членки кои се избираат од страна на Генералното собрание на ОН.
Со членството во ЕКОСОК, Северна Македонија ќе добие можност директно да учествува во носењето одлуки и обликувањето на глобалните политики кои влијаат врз милиони луѓе ширум светот. Воедно, тоа ќе овозможи поголема видливост на државата во рамки на Обединетите нации и ќе отвори нов простор за промоција на националните приоритети и интереси на меѓународно ниво.
Овој успех доаѓа по низата дипломатски активности и меѓународни ангажмани на земјата во последните години, меѓу кои беше и изборот на Северна Македонија за членка на Совет за човекови права на Обединетите нации за периодот 2025–2027.
Изборот во ЕКОСОК се оценува како силна потврда за довербата што меѓународната заедница ја има во Северна Македонија и нејзиниот придонес кон мултилатерализмот, меѓународната соработка и вредностите што ги промовираат Обединетите нации.
The post Историски успех за македонската дипломатија: Македонија избрана за членка на ЕКОСОК – еден од главните органи на ОН appeared first on Во Центар.



