Едно лице од локалното население се здобило со минимални изгореници во пожарот што денеска избувнал помеѓу селата Долани и Љуботен, во Општина Штип, информираат од Центарот за управување со кризи. Екипата на Итната медицинска помош веднаш интервенирала и на лицето му била укажана соодветна медицинска помош. Според досегашните информации, нема други повредени лица.
По пријавата за пожар во атарот на селото Долани, Општина Штип Територијалната противпожарна единица – Штип веднаш интервенирала со две екипи.
Во гаснењето на пожарот помеѓу штипските села села Долани и Љуботен вечерва се вклучи и Ер трактор кој започна да фрла вода врз огнената стихија која опфаќа голема површина.
На терен пожарот го гаснат 18 пожарникари од ТПП Штип, 12 доброволци од Доброволното противпожарно друштво Штип, и месното население. Со помош на багери се прават и пресеци во близина на селото Долани за да не се префлри огнот кон куќите. Бидејќи пожарот е на непристапен терен се гасне со пожарникарски метли.
Зоран Младеновски од ДПД Штип вели дека во моментов се прават напори пожарот да не зафати стара борова шума.
Пожарот избувнал помеѓу селата. Од страната кон селото Долани, со помош на трактори биле изорани заштитни појаси, по што огнот бил ставен под контрола и изгаснат, без опасност од негово ширење кон населеното место.
Во моментов, пожарот се шири во правец кон селото Љуботен, каде што гори сува трева, нискостеблеста и борова шума.
Во гаснењето и локализирањето на пожарот ангажирани се едно противпожарно возило, три противпожарни џипови и 10 пожарникари, една работна машина (скип) од ЈП „Стипион“ – Штип, четири трактори, како и екипи на полицијата и Итната медицинска помош, информираат од ЦУК.



