Реконструкција или и предвремени избори

Од утре почнуваат разговорите за долго најавуваната реконструкција на Владата. Премиерот вели дека веќе се закажани средбите со коалиционите партнери – ВЛЕН и ЗНАМ и дека фокусот на реконструкцијата ќе биде ставен на содржината и постигнатите резултати, а не на големината.

Разговорите почнуваат веднаш по роденденот на ВМРО-ДПМНЕ на кој премиерот порача дека нема да толерира занес во привилегиите што ги нуди власта.
– Кога станува збор за Владата, многу прецизно го детектирам и следам феноменот што дел од ешалоните скршнуваат од она што треба да биде кодекс на однесување и принципи на Владата. Очигледно има и такви на кои фотелјата им стана помила од контактот со народот. Добивам поплаки дека дел од министрите и директорите се недостапни за народот, а има и такви на кои приватните патувања им станаа помили од посетата на селата и градовите. Заборавија од каде дојдовме и како започнавме, рече Мицкоски од Струмица каде ВМРО-ДПМНЕ го прослави 36 роденден.
Мицкоски од Струмица: Нема да толерирам занес во привилегиите што ги нуди власта

Не ја исклучи можноста од предвремени избори порачувајќи и на опозицијата да внимава што зборува кога станува збор за избори.
– Сега ќе работам на реконструкцијата на Владата, но од опозицијата треба да внимаваат што изјавуваат во однос на изборите, затоа што може и да им се оствари она што декларативно го зборуваат. Кога го гледам овој народ овде, пораката е јасна: ние сме подготвени. Подготвени сме за секое сценарио, рече Мицкоски.
Во последната изјава дадена на тема избори, Мицкоски како термин за предвремени избори ја посочи следната пролет.
Во својот говор во Струмица се осврна и на сработеното во изминатите две години од мандатот посочувајќи дека Македонија е во топ пет во Европа по растот на БДП, има историски рекорд на странски директни инвестиции и се реализираат капитални инфраструктурни проекти.
Од друга страна, анализата на платформата КОМПАС покажа дека Владата во изминатите две години исполнила само 18 проценти од ветувањата дадени на изборите.
Од вкупно 142 ветувања коишто се анализирани, само 25 се целосно исполнети, а 43 ветувања или 30 проценти се движат во насока на исполнување. 39 проценти од ветувањата не покажуваат никаков напредок, шест проценти се движат во спротивна насока, а за седум проценти нема доволно податоци за оценка.
Најдобар напредок има во образованието, а најлош кај родовата еднаквост. Ниска реализација имаат и ветувањата од социјалната политика кои имаат влијание врз животот на граѓаните како изградба на домови за стари лица, капитални инвестиции…. Во здравството, од 31 мерка што е анализирана, само четири се целосно реализирани.
The post Реконструкција или и предвремени избори appeared first on Provereno.

Пронајдете не на следниве мрежи: