Поднесено обвинение против директорот на Инспекторатот за земјоделство, побарал поткуп од 100 илјади евра

По спроведувањето на истрагите, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт до Основниот кривичен суд во Скопје против директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, за кривично дело „Примање поткуп“.

Според обвинителниот акт, обвинетиот, како службено лице – директор на Државниот инспекторат за земјоделство, во март годинава побарал и директно прибавил значителна материјална корист за себе со цел да изврши службено дејствие што не требало да го изврши.

„Обвинетиот вршел притисок да не се одобри увоз на вештачки ѓубрива врз правно лице кое се занимавало со нивно производство и увоз, иако претходно во неколку наврати увезувал ваков вид стока. Со тоа, тој влијаел врз службено лице – фитосанитарен инспектор на граничен премин, да не се одобри влез на стоката во земјата, поради што таа била задржана на граничниот премин неколку дена.“

„На 13.03.2026 година, обвинетиот во Свети Никола директно побарал поткуп во износ од 100.000 евра за одобрениот увоз и идните увози на вештачко ѓубриво, барајќи износот да му биде платен на три рати.“

„На 19.03.2026 година, откако подносителот на пријавата ја предал првата рата од 50.000 евра преку сведок, обвинетиот бил лишен од слобода по приемот на парите од страна на полициски службеници.“

„Со обвинителниот акт е поднесен посебен предлог за продолжување на мерката притвор против обвинетиот поради постоење на околностите поради кои е определен“, велат од Обвинителството.
The post Поднесено обвинение против директорот на Инспекторатот за земјоделство, побарал поткуп од 100 илјади евра appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: