Италија нареди протерување на двајца руски воени аташеа обвинети за шпионажа во четврток, а министерот за надворешни работи ги осуди „сериозните и неприфатливи акти на мешање“ од страна на Москва.
Протерувањата се случија два дена откако полицијата објави апсење на двајца поранешни италијански разузнавачки агенти за кои, според медиумите, ѝ дале на Русија тајни за воена помош на Украина. „Италијанската влада одлучи да протера двајца воени аташеа од амбасадата на Руската Федерација во Италија, вклучени во шпионски активности откриени од канцеларијата на јавниот обвинител во Рим“, напиша министерот за надворешни работи Антонио Тајани во објава на X.
Министерот ги именува Русите како Иван Петрович Горбачов и Михаил Василевич Астахов и рече дека им е наредено да заминат во рок од три дена. „Москва продолжува да користи хибридна војна за да ги нападне Западот и Италија, акти на мешање кои се сериозни и неприфатливи за италијанските институции и националната безбедност“, коментираше Тајани.
Римската полиција во вторник соопшти дека еден од приведените Италијанци, 59-годишен поранешен разузнавачки службеник, бил платен од руски соработник и „му открил информации од интерес преку шест извори, вклучувајќи четворица воени лица распоредени на позиции со високо ниво на доверливост“. Медиумските извештаи велат дека Италијанците предале информации за италијанско-француски систем за воздушна одбрана, SAMP/T, кој треба да биде испорачан во Украина оваа година, и за ракетите Астер кои веќе се испратени во Киев.
Руските соработници, исто така, барале детали за мисијата на НАТО во Бугарија и италијанската компанија Авио која произведува мотори за беспилотни летала и суперсонични ракети. Весникот „Кориере дела Сера“ објави дека 59-годишникот, исто така, ги дал идентитетите на италијанските контрашпионски агенти кои требало да ги следат Русите.
Цитирајќи снимка од телефонските разговори на осомничениот, весникот „Ла Стампа“ објави дека човекот дал „илјадници“ информации во период од 12 години. Адвокатот на поранешниот италијански шпион негираше дека имало какво било предавство, тврдејќи дека човекот, кој требаше официјално да биде испрашуван во петок, само собрал јавно достапни информации. Италијанскиот министер за одбрана, Гвидо Кросето, во вторникот изјави дека случајот е „само врвот на ледениот брег“ во таканаречената „хибридна војна“ на Русија во Европа, додека таа продолжува со својата целосна инвазија на Украина. Во 2024 година, италијански суд затвори капетан на морнарицата фатен како продава класифицирани документи на руската амбасада три години претходно.



