Каде е Инспекторатот за употреба на јазиците, итна оставка на директорот, бара ДУИ

Во само еден ден, Град Скопје двапати отворено ја прекрши законската обврска за употреба на албанскиот јазик. Скопје е двојазичен град и неговите институции имаат јасна законска обврска албанскиот јазик да го користат во официјалната комуникација, велат од ДУИ.
„Пред очите на јавноста, и покрај реакциите на граѓаните, Град Скопје продолжи да го игнорира законот, албанскиот јазик и албанската заедница, покажувајќи целосно непочитување кон мултиетничкиот карактер на главниот град.
Во ваква ситуација, прашањето е директно: каде е Инспекторатот за употреба на јазиците“, прашуваат од ДУИ.
Оваа институција, додаваат од таму, е формирана токму за да ги утврдува прекршувањата, да наложува нивно отстранување и да изрекува мерки против институциите што не го спроведуваат законот.
„Во нејзиното создавање се вложени години работа, кадар, обуки и институционални капацитети. Денес, директор поставен од ВЛЕН го има парализирано Инспекторатот и молчи пред очигледните прекршувања.
Молкот на Инспекторатот директно ги охрабрува прекршителите и го претвора исклучувањето на албанскиот јазик во институционална практика“.
Бараат итна оставка на директорот на Инспекторатот за употреба на јазиците.
„Политичка одговорност од ВЛЕН, кој ја има заробено и блокирано оваа институција.
Итна правна одговорност за сите што го прекршуваат Законот за употреба на јазиците и поттикнуваат етничка нетрпеливост и омраза.
Законот мора да се почитува. Инспекторатот мора да постапува. Одговорните мора да одговараат“.

Пронајдете не на следниве мрежи: