Азески со пофалба: Муцунски го остварува ветеното

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, го реализира она што го вети пред бизнис заедницата, оцени претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.

Азески се осврна на неговите долгогодишни согледувања за позитивните страни, но и за кадровските и финансиските слабости во македонската дипломатија низ годините.

Тој посочи дека при последната посета на Брисел забележал позитивен пресврт во професионалноста на дипломатскиот тим и опременоста на македонската мисија.

„Затоа одлучив јавно да ги истакнам лицата кои мислам дека прават позитивен пресврт во нашата дипломатија и кои почнуваат да ја реализираат владината политика за трансформација на МНР во Министерство за надворешни работи и за надворешна трговија“, нагласи Азески.

Како носители на овој процес, првиот човек на Комората јавно ги пофали дипломатите Пеце Бошески, Мбареса Истрефи-Исмаили, Ерсин Баки и амбасадорот Зулфи Исмаили.

Според него, ефикасното функционирање на овој тим во Брисел наишло на одличен прием и професионална поддршка од Европската комисија и Економско-социјалниот комитет.

Азески заклучи дека претставништвото во Брисел мора да биде темелот од кој ќе почнат суштинските промени на патот кон Европската Унија.

„Добро опремено, финансиски поддржано и подготвено за најголемите предизвици – да ја оставиме зад себе уравниловката и со пример да покажеме дека лидерството е врзано со целта и со темелните вредности, а тие, пак, со парите на граѓаните и со нивното добро“, порача Азески.

Пронајдете не на следниве мрежи: