Ангелов: Ниту еден пожар не може да се изгасне без луѓе на терен

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и началник на Штабот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, најави дека пожарникарите-доброволци ќе добијат институционална поддршка, а средствата обезбедени со ребалансот на буџетот ќе овозможат нивно поинтензивно ангажирање во текот на летната сезона.

Во гостување на телевизија Сител, Ангелов нагласи дека пожарникарите-доброволци, кои досега дејствуваа како дел од тимовите за брз одговор , во иднина ќе бидат институционално организирани и ќе добијат поголема поддршка за својата работа.

„Тие излегуваат на терен, преземаат ризици и често ги губат своите дневни приходи. Затоа заслужуваат соодветна поддршка за посветеноста што ја имаат“, рече Ангелов.

Зборувајќи за пожарите, Ангелов ја истакна важноста на навремените временски прогнози од Управата за хидрометеоролошки работи, кои, како што рече, овозможуваат поефикасно насочување на воздушната поддршка.

„Воздушната поддршка е многу важна, но ниту еден пожар не може да се изгасне без луѓе на терен. Затоа ова лето обрнуваме посебно внимание на доброволните пожарникари и тимовите за брза реакција“, рече Ангелов.

Осврнувајќи се на неодамнешната кризна состојба во Гостивар, тој нагласи дека сите механизми за управување со кризи биле активирани веднаш по исполнувањето на законските услови, а кризна состојба била прогласена за помалку од три часа по почетокот на постапката.

Според Ангелов, во справувањето со ситуацијата биле вклучени неколку институции, меѓу кои Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Градот Скопјe, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопјe и локалната самоуправа во Гостивар.

Тој информираше дека на граѓаните им се обезбедени доволни количини вода за пиење и техничка вода, а координацијата меѓу институциите и локалните власти е континуирана.

The post Ангелов: Ниту еден пожар не може да се изгасне без луѓе на терен appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: