Јуниорите ја продолжуваат традицијата: Бронзен медал за Македонија на Европската јуниорска олимпијада по информатика

На јубилејната 10-та по ред Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2026), која од 24-ти до 30-ти јули се одржува во Каунас, Литванија, младите македонски информатичари повторно остварија значаен меѓународен успех.
Во силна конкуренција на најталентираните ученици од Европа и пошироко, нашиот Зоран Илијоски од Кичево освои бронзен медал, а професорот Миле Јованов беше избран за претставник во управувачкиот комитет на олимпијадата.

Македонија на ова престижно меѓународно натпреварување беше претставена од тим составен од четворица натпреварувачи: Зоран Илијоски, Јаков Грујовски, Иан Стевков и Панче Бансколиев. Тим-лидери на македонската делегација беа д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Учениците кои ја претставуваа Македонија на ЕЈОИ 2026 беа избрани преку целогодишниот циклус натпревари што традиционално го организира Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а кој оваа година се одржа по 37-ми пат.

Натпреварите се реализираат преку системот mendo.mk, кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани ученици. И годинава циклусот беше организиран со поддршка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), како и на неколку општествено одговорни компании.
Европската јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ) претставува едно од најзначајните меѓународни натпреварувања во алгоритамско програмирање за ученици до 15,5 години. Секоја земја-учесник на ЕЈОИ учествува со тим составен од 4 натпреварувачи, тим-лидер и заменик лидер. Натпреварувачите решаваат комплексни алгоритамски задачи во текот на два натпреварувачки дена, при што се оценуваат нивните способности за анализа на проблеми, дизајн на алгоритми и имплементација на ефикасни програмски решенија.

На ЕЈОИ 2026 учествуваа вкупно 100 ученици од 25 европски земји. Годинешното издание на олимпијадата се одржа во Каунас, Литванија, но за прв пат во историјата како коорганизација на две земји: Литванија и Украина.
Вкупен победник на натпреварот со освоен златен медал беше Андреј Немцишор од Романија.
Освоениот бронзен медал претставува продолжување на континуитетот на успешни настапи на македонските ученици на најпрестижните меѓународни олимпијади по информатика. Особено охрабрува фактот што Зоран Илијоски беше на само триесетина поени од освојување на сребрен медал, што дополнително ја потврдува конкурентноста на македонските ученици во европски рамки.

Следната, 11-та по ред, Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2027) ќе се одржи идната година во Казахстан. Следен настан, пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ 2026), која ќе се одржи од 9-ти до 16-ти август во Ташкент, Узбекистан.
The post Јуниорите ја продолжуваат традицијата: Бронзен медал за Македонија на Европската јуниорска олимпијада по информатика appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: