Изградбата на дата-центри во земјава нема да се реализира по цена на загрозување на природата, уверува министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Тој тврди дека нема да бидат дозволени проекти кои би имале негативно влијание врз водата, воздухот или зелените површини.
„Нема да дозволиме ниту еден негативен ефект врз животната средина за да се градат дата-центри. Нема да се сечат дрвја, ниту ќе дозволиме какво било штетно влијание врз природата за да добиеме одреден бенефит“, изјави Андоновски на денешната прес-конференција.
Според него, дебатите за можните придобивки и ризици од изградбата на поголеми центри за податоци се оправдани, но предупреди дека дел од реакциите во јавноста „создаваат непотребна хистерија“.
Министерот информира дека една од опциите што се разгледува е дата-центрите да бидат сместени во технолошко-индустриските развојни зони, односно на локации каде што веќе постои индустриска инфраструктура и каде би можеле да се реализираат таканаречени браунфилд-инвестиции.
„Секоја градба мора да помине соодветни елаборати за заштита на животната средина, особено кога станува збор за странски инвестиции. Нема да направиме ниту еден чекор што би значел компромитирање на природата“, нагласи Андоновски.
Тој додаде дека во разговорите со експерти од ИТ-секторот, машинството и индустријата не постои противење за изградба на центри за податоци, туку главното прашање е нивниот капацитет, големина и влијанието што би го имале врз околината.
„Прашањето не е дали треба да има дата-центри, туку како тие ќе бидат изградени и со какви стандарди. Развојот на дигиталната инфраструктура мора да оди паралелно со заштитата на животната средина“, рече министерот.



