Mакедонија денеска празнува, ја слави Републиката, денот на државноста. 2 Август – датум со двојно значење за Македонија. Пред 123 години Илинденско востание и Крушевска Република и пред 82 години Првото заседание на АСНОМ.
Во земјава денеска е државен празник, а двата Илиндена традиционално се одбележуваат на неколку локации – Крушево, Пелинце и Скопје.
Централната манифестација ќе се одржи во Крушево, на Мечкин Камен каде ќе се обрати потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски бидејќи претседателот на Собранието Африм Гаши е на конференција на претседатели на парламенти во Каиро.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе биде присутна на одбележувањето во Скопје каде ќе положи цвеќе пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто.
Свеченост ќе се одржи и на Пелинце каде ќе се одбележат 82 години од Првото заседание на АСНОМ, а најавено е обраќање на премиерот Христијан Мицкоски.
Во 1903 година во Крушево околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев станал нејзин претседател. Крушевската република траела 10 дена по што 18-илјадна османлиска војска предводена од Бахтијар паша тргнала да ја врати власта во Крушево. Последната битка е водена на Мечкин Камен каде загинува Питу Гули.
Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово, 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ на кое се донесени неколку документи меѓу кои решение за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларација за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров како најстар делегат, а Методија Андонов-Ченто е избран за претседател на Президиумот на АСНОМ.
The post Македонија го празнува Илинден. 2 Август – денот на државноста appeared first on Provereno.
Пронајдете не на следниве мрежи:



