Инфантино имал „добар план“: Светското првенство на продажба, а за него плата од 30 милиони долари

Новите информации за претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, предизвикаа силни реакции во светската фудбалска јавност. Според британскиот „Тајмс“, повикувајќи се на извори блиски до случувањата во ФИФА, Инфантино имал амбициозни планови поврзани со новата комерцијална компанија на светската куќа на фудбалот.

Весникот тврди дека Инфантино планирал по завршувањето на својот претседателски мандат да застане на чело на новото деловно претпријатие на ФИФА, каде што би добивал годишна плата од околу 30 милиони долари, дополнета со значителни бонуси.

Според истите извори, во разговор со еден од своите соработници тој наводно рекол: „По 2031 година тука можеме да заработиме навистина сериозни пари“, алудирајќи на периодот по истекот на неговиот мандат.

Во истиот разговор, еден соговорник на шега го прашал дали не му се доволни сегашните шест милиони долари годишно што ги заработува како претседател на ФИФА. Според „Тајмс“, Инфантино одговорил: „Не, зборувам за навистина сериозни пари.“

Овие тврдења се појавуваат во период кога Инфантино се соочува со засилен притисок поради контроверзните предлози за идното финансирање на натпреварувањата под капата на ФИФА.

Засега, ФИФА не објави официјален став за наводите на британскиот медиум, а нема ниту потврда дека информациите од анонимните извори се предмет на каква било официјална истрага.

Сепак, објавата на „Тајмс“ дополнително ја засили дебатата околу идните планови на раководството на ФИФА и се очекува во наредните денови да стане јасно дали Инфантино или светската фудбалска организација ќе дадат официјален одговор на овие тврдења.

Пронајдете не на следниве мрежи: