Телото пронајдено за време на пожарот во Омиш, најверојатно е на младата Босанка која беше исчезната и по која се трагаше. Иако се уште нема официјална потврда од полицијата и се чекаат резултатите од обдукцијата и ДНК анализата, хрватските и босанските медиуми веќе пренесуваат дека мртвото тело пронајдено денеска во областа Станиќи, најверојатно е на 34-годишната државјанка на БиХ Драгана Антешевиќ, пренесува „Слободна Далмација“.
Според очевидци, жената наводно била во автомобил со уште две жени на автопатот Јадранска магистрала во близина на Мала Лука, кога пожарот ги опколил и тие во паника излегле од возилото. Тие рекле дека бегството за младата жена било фатално бидејќи се нашла во огнен прстен и не можела да се спаси. Другите две жени успеале да се спасат, но според локалните жители, тие претрпеле сериозни повреди.
Неофицијално, од извори блиски до истражните кругови, „Слободна Далмација“ дознала дека на оваа можност укажува и фактот што, освен Драгана, ниедно друго лице од таа област не е пријавено како исчезнато. Всушност, како исчезната се водела 65-годишна жена, која се спуштила од населбата Челина кон главниот пат пред доаѓањето на огнената стихија, но подоцна жената била пронајдена во болница.
Друга работа што според порталот би можела да укажува на трагичниот крај на младата Босанка е тоа што таа е пронајдена недалеку од местото каде што се нашла во автомобил со уште две жени, очигледно бегајќи од ужасот на пожарот.



