Екстремната жештина во Европа предизвика 16.000 смртни случаи за една недела

Една недела на неподносливи горештини што ја погоди Европа во јуни се покажа како невообичаено смртоносна, покажуваат податоците, во услови кога големите топлотни бранови на континентот стануваат сè почести.

За време на топлотниот бран, во Европа починале околу 16.000 луѓе повеќе од очекуваниот просек, според анализа на Европската мрежа за следење на смртноста. Најголем дел од овие смртни случаи се регистрирани во земји како Франција, Белгија и Германија, кои не се навикнати на толку високи температури.

Кон крајот на јуни, температурите во поголемиот дел од континентот надминале 38 степени Целзиусови, вклучително и во Италија и Шпанија. Сепак, толку нагло зголемување на бројот на смртни случаи било забележано само во северозападна Европа, каде што земјите биле помалку подготвени за ваков екстремен феномен.

Во исто време, употребата на клима-уреди останува ниска во голем дел од северна Европа, каде што ова прашање дури доби и политички импликации, како што е случајот со Франција.

Бидејќи смртните случаи кои директно се предизвикани од екстремните температури тешко можат прецизно да се пресметаат, истражувачите ја следат таканаречената „прекумерна смртност“ – односно бројот на смртни случаи од која било причина што го надминува очекуваниот број за одреден период од годината, врз основа на историските податоци.

Вообичаено, појавите на „прекумерна смртност“ се регистрираат во зима поради ширењето на респираторните вируси. Но, само во неделата на јунскиот топлотен бран имало повеќе смртни случаи од очекуваното отколку во која било друга недела од минатата зима.

Големите и смртоносни топлотни бранови претходно биле ретки во современата европска историја. Во 2003 година, таков топлотен бран го погоди континентот и остави десетици илјади жртви.

За време на друг топлотен бран, во 2022 година, биле регистрирани нешто повеќе од 16.000 дополнителни смртни случаи само во една недела во јули, според податоците на Европската мрежа за следење на смртноста. Тогаш, сепак, јужниот дел на Европа бил погоден од најекстремните температури, при што во Шпанија температурите достигнале 46 степени Целзиусови.

Овој јуни на крајот бил забележан како најтоплиот јуни во историјата на Западна Европа, а научниците предупредуваат дека климатските промени би можеле да донесат уште поекстремни временски настани во иднина.

Извор: New York Times

Пронајдете не на следниве мрежи: