Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли критиките од СДСМ во врска со состојбата со водата во Гостивар, оценувајќи дека нападите се дел од политичката стратегија на опозициската партија. Мицкоски рече дека СДСМ има демократско право да ја избере својата политичка стратегија, но забележа дека не посочува одговорност кај градоначалникот на Гостивар.
„Зачуден сум зошто првоповиканиот во случајот, а тоа е градоначалникот на Општина Гостивар, никако не можете да го сретнете во соопштенијата на СДСМ. Мислам, кога зборувам ‘зачуден’, тоа го кажувам иронично, бидејќи нормално е дека истата политичка партија нема да го спомене него, бидејќи го поддржа за време на локалните избори“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека надлежноста во случајот ја има Јавното комунално претпријатие, додека истрагата што ја водат Обвинителството и Министерството за внатрешни работи сè уште трае. Според него, досега се обезбедени три лица, но не е исклучена можноста во текот на истрагата да бидат опфатени и други лица за кои ќе се утврди одредена одговорност или учество.
Премиерот упати критика и кон СДСМ поради тоа што, како што рече, не реагирале во минатото на извештаи за неквалитетна вода во Гостивар, но и во други општини.
,,Во минатото има и други извештаи за неквалитетна вода во Гостивар, но и во други општини низ Македонија, како Прилеп, Крушево и така натаму. Кога некои други биле министри, кога некои други биле директори… Зошто против нив не поднесат (кривични опријави)? Бидејќи тие ништо не преземале“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека актуелната Влада реагирала веднаш по добивањето на информациите за проблемот, со преземање мерки за прочистување на системот, по што водоснабдувањето повторно било вратено под надлежност на Општина Гостивар и комуналното претпријатие.
„Оваа Влада презема. Првиот момент кога доби таков извештај, презема: направи една робустна акција, го прочисти системот и повторно го врати во надлежност на Општина Гостивар и во рацете на комуналното претпријатие“, додаде премиерот.
Мицкоски смета дека критиките од СДСМ се погрешно избрана стратегија, но порача дека опозициската партија сама треба да процени како ќе настапува политички.



